Палчо постојано носеше пиштол со себе поради лична безбедност, рече сопартиецот Плотников

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На денешното рочиште, Кристијан Плотников, член и еден од основачите на политичката партија „Десна“, сведочеше за односот на Љупчо Палевски – Палчо со оружјето што го поседувал, истакнувајќи дека тој секогаш го носел пиштолот за лична безбедност.

„Палчо си го носеше пиштолот со себе ради лична безбедност. Откако тој беше нападнат пред својата куќа. Мислам дека беше нападнат во периодот на короната,“ изјави Плотников.

Сведокот посочи дека пиштолот, кој според него бил марка „Валтер“, бил секогаш во близина на Палевски, дури и кога спиел. „Пиштолот беше до него, во фиока, кога спие покрај него го чуваше,“ додаде тој, опишувајќи го односот на Палчо со оружјето како дел од неговото чувство за безбедност.

Плотников истакна дека Палчо поседувал дозвола само за поседување, но не и за носење на оружјето, што подоцна довело до тоа полицијата да му го одземе. „Пиштолот беше со него, додека не му го земаа полицајците. Според медиумите, тогаш бил застанат на пат и му го одзеле, а мислам дека со него биле Кекишев и Велибор,“ сведочеше тој.

Сведокот, исто така, го потврди присуството на оружјето во штабот на партијата „Десна“. „Во штабот кај Шампионче таму го гледав,“ рече Плотников, додавајќи уште еден слој на контекст за врските меѓу Палчо, партијата и останатите обвинети.

Плотникот во сведочењето додаде дека се познава со Палчо од 2017 година кога истурил боја врз новинарот Бранко Геровски. „Јас ја поддржував таа акција“, додаде Плотников

За потсетување, на 5-ти мај 2023 полициски службеници на Палевски му го одзеле пиштолот кој го носел без дозвола. Станувало збор за пиштол „Валтер“ калибар 9 мм.