Пендаровски и Ѓукановиќ во Бар на спомен обележјето на Владимир и Косара

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на дводневната официјална посета на Црна Гора, денеска со неговиот домаќин, црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во Бар ќе го посетат спомен обележјето на Владимир и Косара.

Пендаровски ќе му предаде спомен-плоча на Владимир и Косара на црногорскиот претседател Ѓукановиќ, во знак на силното пријателство и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора.

Легендата за трагичната смрт на кнезот Владимир  и принцезата Косара, ќерка на македонскиот цар Самоил се смета за една од најубавите европски легенди. Се случила во 11 век и се темели на вистински и митски настани. Во војната со македонскиот цар кнезот Владимир бил заробен и однесен во Преспа во затвор. Таму го видела самоиловата ќерка Косара која се заљубила во него и побарала од татка си да се омажи за него, а во спротивно ќе скокне во езеро. Набрзо следела венчавка, а двајцата живееле во близина на манастирот Пречиста Краинска на Скадарското Езеро. Подоцна по смртта на Самоил, Владимир бил убиен со измама од неговиот наследник Владислав, а Косара по неговата смрт се повлекла во манастир и се замонашила. После нејзината смрт по нејзина желба била закопана крај нејзиниот сопруг кнез Владимир. Кнезот Владимир поради неговата богоугодност и христијански живот е прогласен за светец. Според православниот календар свети Јован Владимир се одбележува секоја година на 22 мај, а неговиот култ е цврсто втемелен во Бар, каде се смета за заштитник на градот.

Претседателот Пендаровски и Ѓукановиќ, вчера на средбата во Цетиње, ги потврдија одличните билатерални односи и се заложија за уште посилна економска соработка која сметаат дека  треба да биде врвен приоритет.  На заедничка прес-конференција двајцата претседатели осврнувајќи се на актуелните состојби во регионот се согласија дека во светло на војната во Украина, евоинтеграциите треба да добијат поинаква динамика, и порачаа дека ако сака ЕУ да биде геостратешки проект, целиот регион час поскоро треба да го најде своето место во ЕУ.

Во рамки на посетата, Пендаровски вчера имаше средби и со црногорскиот премиер во заминување Здравко Кривокапиќ и со Дритан Абазовиќ, заменик премиер и мандатар за состав на нова влада на Црна Гора.