Пендаровски: Оние кои чуваат предмети во фиоки треба да бидат разрешени и да лежат во затвор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот Стево Пендаровски, вечерва на конвенцијата во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, одржа говор, и ја истакна благодарноста повторно да биде кандидиран за шеф на државата.

Упати критики кон опозицијата за нивното владеење претходно, и кажа дека ќе продолжи да биде жесток критичар на криминалот и корупцијата.

„Разликата помеѓу нас и сегашната опозиција е тоа што тие не носат важни одлуки. Немаа ниту една голема стратешка одлука за државата. Горд сум што ги почнавме преговорите со ЕУ после 17 години чекање, и договоривме со ЕУ македонскиот јазик да биде официјален во Унијата. Грешки немавме за стратешките прашања, но за некои други имавме. Најголемо потфрлање беше што застанавме на пола пат на граѓанската револуција „Нема правда, нема мир“. Оние кои чуваат предмети во фиока за да ги спасат криминалците, треба да бидат веднаш разрешени и да лежат во затвор. Опозицијата бара ветинг на политичарите. Јас ја поддржувам таа иницијатива, и додавам да го провериме нашиот имот од 1990 година па наваму, па да видиме кој ќе го помине ветингот. Ги осудувам оние кои ги кршат законите. Ако ја добијам довербата, ќе ги третирам сите луѓе на ист начин, без разлика на нивната верска, национална или политичка припадност. Ќе продолжам да го критикувам криминалот и корупцијата, вклучувајќи ги и оние кои гласале за мене“, изјави Пендаровски.