Пендаровски по средбата со Штајнмајер: Благодарност до Германија за поддршката, тие се наш политички и економски партнер

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Германија, по што претседателите Пендаровски и Штајнмајер одржаа заедничка прес-конференција.

„Разговаравме за безбедносната состојба во Европа и различните предизвици на тој план, во контекст на војната во Украина. Се обврзавме за унапредување на досегашната соработка во одбраната и во безбедноста, кои се важни аспекти и во нашите билатерални односи.

Во делот на економијата, Германија останува наш најзначаен економски партнер, кој со години наназад е на првото место на листата, со трговска размена од повеќе од 4 милијарди евра на годишно ниво. Германското економско портфолио во Северна Македонија е импресивно, со околу 200 фирми со германски капитал, во кои работат над 15.000 луѓе. Со претседателот Штајнмајер се заложивме економската размена и инвестициите меѓу нашите држави да продолжат и во иднина и овие бројки да се зголемуваат, затоа што се од огромна важност за меѓусебната доверба и просперитетот на нашите граѓани. Не помалку важни се и областите на образованието, науката и културата, каде што нашите две држави остваруваат интензивна соработка.

И на крајот, она што го кажав во разговорот со почитуваниот претседател, би сакал и сега да го повторам: благодарам за целокупната германска поддршка до сега, при што го изразувам своето уверување дека Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер и дека во годините пред нас нашето пријателство и соработка во областите од взаемен интерес ќе одат само по нагорна линија.“, рече Пендаровски.