Пендаровски: Помал број на изборни единици и пропорционален изборен модел со отворени листи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонија ќе биде подемократска држава ако повеќе политички субјекти бидат дел од еден подиверзификуван парламент. Тоа ќе значи дека повеќе граѓани ќе бидат претставени преку свои репрезенти во законодавниот дом, а во крајна линија тоа ќе придонесе не само за зголемена одговорност на партиите кон бирачите, туку и за враќање на довербата на граѓаните во институциите,смета Претседателот Стево Пендаровски кој денеска се обрати на националната дебата за изборните реформи во Македонија во организација на Институтот за европска политика – Скопје.

Уште на почетокот на мојот мандат ја поддржав иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел. Генерално, мојата поддршка беше за создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи, (ова намерно го нагласувам), како и намалување на бројот на изборни единици на целата територија на државата. Во таа прилика ги повикав политичките партии од власта и од опозицијата да ја разгледаат можноста за изборна реформа и со политички консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде што граѓаните ќе имаат можност не само да избираат од политичките партии, туку да избираат и кандидати, односно, личности. Инаку, според мене, едно исклучително важно прашање за натамошната демократизација на земјата – отворените листи на кандидати за пратеници, во сите досегашни дебати на оваа тема се неправедно потиснати во втор план во однос на прашањето за бројот на изборните единици“, вели Пендаровски.