Пендаровски: Регионот во светло на војната во Украина добива поинаква динамика

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Економските врски меѓу Македонија и Црна Гора треба да станат врвен приоритет, рече претседателот Стево Пендаровски за време на првата официјална посета кај претседателот Мило Ѓукановиќ.

Меѓу другото било разговарано и за пандемијата од коронавирус, како и војната во Украина, за што Пендаровски изрази задоволство што со Ѓукановиќ како што рече „делиме слични погледи за поблиска соработка со цел полесно заедничко надминување на заеднички предизвици.“

„Разговаравме и за актуелните состојби во регионот и се согласивме дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика. Денес, кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу ЕУ и регионот. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора“, рече претседателот на Македонија Стево Пендаровски.

Во разговорите се осврнале и на соработката во рамките на НАТО и руското влијание во регионот.

„Ужасот кој го гледаме во Украина, мислевме дека е невозможен на европско тло по страшните војни од минатиот век. За жал, сведочиме на страдањата на милиони граѓани, пред наши очи се одвива огромна хуманитарна и бегалска криза. Потребна ни е солидарност и уште поголема соработка за да излеземе на крај со последиците на руските воени дејствија во Украина. Како дел од НАТО стоиме зад сите негови одлуки, а како земја-кандидат за членство во Европската Унија сме 100 проценти усогласени со заедничката европска безбедносна и надворешна политика. Во таа смисла се приклучивме кон сите пакети на санкции на ЕУ насочени кон Русија“, додаде Пендаровски.

Ова е прва официјална посета на Црна Гора на претседателот на Македонија Стево Пендаровски со цел да се реафирмираат одличните билатерални односни и стратешките визии на двете земји.

Во Цетиње Пендаровски беше пречекан со највисоки воени и државни почести.