Андреј Петров во гостување во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 коментираше дека е погрешно локалните избори да се претвораат во „референдум“ за предвремени парламентарни избори.
„Оваа теза постои одамна, ја имавме и ние во СДСМ, но мислам дека е погрешна. Локалните избори не треба да бидат некаков референдум за власта, па потоа, врз основа на тие резултати, да се бараат предвремени парламентарни избори. Локалните избори се значаен сегмент на демократијата и претставуваат можност граѓаните да изберат човек до кој можат многу полесно да стигнат отколку до министер,“ рече Петров.
Тој потенцираше дека локалната власт треба да се гледа како посебна и независна структура која има директно влијание врз секојдневниот живот на луѓето.
„Граѓаните треба да гласаат за оној што ќе им го исчисти ѓубрето, што ќе обезбеди подобра животна средина, услови во градинките и училиштата. Иако дел од тие надлежности зависат од централната власт, тоа се теми кои се најважни за секој човек. Луѓето повеќе ги интересира дали водата е исправна, дали децата им учат во безбедни и чисти училишта, отколку високата политика,“ нагласи тој.
Во однос на прашањето за етничката припадност на градоначалниците, Петров истакна дека тоа во мултиетничка земја како Северна Македонија е од второстепено значење.
„Од каква етничка припадност ќе биде градоначалникот е целосно неважно. Важно е каков е човекот и што ќе направи за подобрување на животот на граѓаните,“ порача Петров.
