Почина музичарот и композитор Џенгиз Ибрахим

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Почина музичарот и композитор Џенгиз Ибрахим, соопшти Турскиот театар во Скопје.

Тој имаше 63 години и е еден од најзначајните претставници на турската култура во Македонија, како и еден од најреномираните балкански музичари кој свири на ориенталните традиционални инструменти канон, уд и саз, а работеше и како наставник по музичко во училиште во Чаир.

„Самиот често велеше, дека успешно ја претставува синтезата на музиката алатурка и алафранга не само кај нас туку и на меѓународната платформа. Музиката изведена на сцената во претставите во нашиот театар секогаш ќе остане во сеќавањата“, велат од Турски театар.

Тие додаваат дека творештвото на Џенгиз Ибрахим претставува бравурозна, извонредно богата фузија на ренесансата, барокот и современата музика.