Почна собраниската расправа за Буџетот – Обвинителството и Народниот правобранител побараа повеќе пари за да функционираат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обвинителството и Омбудсманот бараат повеќе пари во буџетот за 2026-та. Според нив, наредната година овие две институции нема да може нормално да си ја извршуваат својата дејност, поради немање пари.

Јавниот обвинител Коцевски, побара корекција на нивниот буџет, кој наместо со закон загарантираните 0,4, изнесува само 0,2 отсто од буџетот. Според него, овие пари не се за повисоки плати, туку за да може да се водат истраги кои од година во година се се повеќе, а бројот на вработени се намалува.

„Од почеток на 2024 година до денес, значи помалку од две години, имаме одлив од над 10% од вработени кои се заминуваат по различни основи. Тоа се околу 40 вработени кои заминаа поради пензија, поради заминување на друго работно место или смрт. Во истиот период не ни е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниту едно вработување во службата не ни е одобрено ни за следната 2026 година, па очекуваме бројот на вработени дополнително да се намали“, вели Љупчо Коцевски, Јавен обвинител.

Остар кон Министерството за финансии и Владата беа и од кај Народниот правобранител кој смета дека неговата институција потполно е деградирана со предлог буџетот за 2026 година. Во моментов нема избрано Народен правобранител и осум заменици и дека во буџетот не се предвидени пари ако бидат избрани. Дополнително, нема да ги добијат ниту 30 – те отсто предвидени со Колективниот договор.

„Вработените во институцијата Народен правобранител не се класични административни работници кои работното време го минуваат во своите канцелари пред компјутерите, туку се службеници кои се изложени на разни ризици, предизвици, притисоци“, вели Илбер Руфати, заменик Народен правобранител.

Но, ако се вратиме на чисто економските показатели за буџетот, кои беа изнесени во експозето на министерката Димитриеска Кочоска, стои дека наредната година економијата ќе порасне за 3,8 насто, а инфлацијата за 2,5. Според министерката овој буџет е визионерски, дисциплиниран и овозможува фискална стабилност и предвидливост. Од капиталните инвестиции најважни ќе бидат Коридорите 8 и 10Д, но ќе се гради и автопатот кон Блаце. Буџетскиот дефицит, кој во основа значи ново задолжување, ќе биде биде 3,5 отсто од БДП или околу 637 милиони евра. Со ова нема да се постигне саканата цел за фискална консолидација и дефицит од 3 отсто.

„Незначителното отстапување од 0,5% од БДП, од воспоставеното фискално правило за буџетски дефицит, се должи на потребата за обезбедување на финансиски средства за исполнување на обврските од членството во НАТО алијансата, за капитални вложувања во одбраната, модернизација на сообраќајната инфраструктура и локалните инфраструктури проекти“, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

За првиот човек на Фискалниот совет, академик Абдулменаф Беџети повисокиот дефицит ја одразува реалноста. Но, тој имаше неколку забелешки меѓу кои се тоа што не се испрочитувала процедурата буџетот да им биде доставен пред да биде даден на Влада, за да можеле да дадат мислење за документот

„Треба да бидат внесени и обврските од СПО системот, кои што кај нас изнесуваат околу 700 милиони евра, тоа значи се стасани обврски кои што се уште не се платени. А тоа е реален јавен долг. Ние мораме да бидеме реални кога тоа го изнесуваме и тоа доколку е така, тие се пријавени околу 700 милиони јавен долг и ако сето тоа се пресметува, тогаш кај нас јавниот долг би бил повеќе од 62,5%“, изјави Абдулменаф Беџети, претседател на Фискалниот совет.

Министерката Димитриеска Кочоска пак најави строги контроли на расходите во буџетот, односно ќе се следи секој денар како се троши.