Поранешните пратеници на ДПА со нова иницијатива, основано граѓанското движење „Арберија“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешни пратеници на Демократската партија на Албанците, Беким Фазлиу, Мерале Ферати, Орхан Ибрахими и други, ја основаа Граѓанската иницијатива „Арберија“. Беким Фазлиу, еден од иницијаторите, изјави дека ова движење не е партија, туку нешто повеќе од политичка партија.

„Ова не е политичка партија, тоа е многу повеќе од политичка партија. Ова е организирање на граѓаните, на Албанците, што е свест на Албанците и произлегува како потреба од времето, како реакција на лошото и како добро што недостасува.“, вели Беким Фазлиу.

Тој додаде дека приоритетите на ова движење ќе бидат целосна еднаквост на Албанците и правилна имплементација на Охридскиот договор.

На прашањето дали ова движење ќе се трансформира во политички субјект, Фазлиу одговори:

„Во движењето напред ќе носиме одлуки, било тие да се политички, дали ќе учествуваме на избори, или ќе соработуваме со некој друг, и така натаму. Со некоја друга граѓанска иницијатива, политичка иницијатива, доколку ги поддржуваат нашите принципи.“, кажа Фазлиу.

Инаку, новото политичко движење „Арберија“ нема да има претседател, туку ќе има Управен одбор. На Основачкото собрание беа избрани Работното претседателство и Секретарот на Собранието. Делегатите го усвоија Деловникот за работа на Собранието, со што беше избран и Управниот одбор на Движењето.