Дали имало корупција во набавката на видеолотариските терминали од страна на Новата државна видеолотарија НОВО ВЛТ во изборниот период? Ова прашање сè уште останува без одговор, откако прашањето го покрена коалицијата Вреди пред повеќе од две недели.
ТВ21 исто така пишуваше за видеолотариските терминали и набавката направена на 13-ти јуни, еден месец по завршувњаето на изборите, а пред формирање на новата Влада.
Последниот одговор кој го добивме од Јавното обвинителство, вели дека ќе се испитува се, а ги повикаа сите лица и субјекти кои имаат докази да ги достават до нив.
„Во јавните обвинителства се оформени неколку предмети поврзани со различни аспекти на работењето на Државна лотарија врз основа на доставени известувања и пријави од надлежни институции. Секој што има сознанија или докази за сторено кривично дело, има обврска таквите сознанија да ги пријави кај надлежните органи“, велат од Јавното обвинителство за ТВ21.
Од Новата државна видеолотарија НОВО ВЛТ пак велат дека тендерот е спроведен според законот и оти со дневнопартиските пресметки им се нанесува сериозна корпоративна штета.
Доминантен сопственик на оваа фирма е Државната лотарија, а косопственик е ХТЛ Македонија, фирма во целосна сопственост на австриски Новоматик.
Според Вреди, обвинителството треба да го истражи договорот за набавка на лотариски машини, односно видеолотариски терминали склучен на 13 јуни, еден месец по завршувањето на изборите, а пред да се формира нова влада.
Тендерот од скоро 19 милиони евра го добива ХТЛ Македонија, која е еден од сопствениците на НОВО ВЛТ. Оваа фирма била единствен понудувач на тендерот. Тоа значи дека НОВО ВЛТ му го дала тендерот од 19 милиони евра на својот косопственик – странскиот ортак на државната лотарија.