Овие претседателски избори не се само за да се види кој ќе оди во втор круг, и кој ќе биде претседател, туку и да се измери силата на политичките партии, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски. Како што изјави тој во Клик Плус, многу значајно да се напомене дека добиените гласови на кандидатите не можат да бидат мерени со исти аршин.
„Разликата понеѓу Силјановска и Пендаровски во првиот круг, на пример доколку таа надмине 100.000, тогаш можеме да говориме за сериозен буст што ВМРО-ДПМНЕ ќе го има на парламентарните избори, а сериозна кочниза за СДСМ во исто време. Од друга страна можеме да видиме каква ќе биде разликата помеѓу кандидатот на ДУИ и на здружената опозиција. На пример, доколку разликата е 30.000 илјади, тогаш се повеќе се зголемуваат шансите и можностите на ДУИ за успех на парламентарните избори, а доколку таа разлика не постои или е на ниво на 5, 10 или 15.000 гласови, тогаш можеме да говориме за сериозна борба на парламентарни избори каде таа здружена опозиција може сериозно да му се закани на ДУИ“, вели Владимир Божиновски
Аналитичарот Петар Арсовски истакна дека најголема веројатност е дека кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе влезат во вториот круг на претседателските избори.
„Голем дел од партиите номинираат претседателски кандидати, и ДУИ и Албанската опозиција, во обид да ги консолидираат своите гласови пред престојните парламентарни избори, веројатноста, дали Бујар Османи или Арбен Таравари ќе се најде во вториот круг е ниска. Главната причина за кандидатурата се престојните парламентарни избори“, вели Петар Арсовски.
А, што по изборите. Иако Мицкоски најави дека преферира постизборна коалиција со Албанската опозиција, сепак тоа е можно и да не се случи, односно ДУИ не е целосно исклучена од ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако се случи, хипотетички, 14:12, а ВМРО има 50 тогаш и едниот и другиот ми обезбедуваат 61,62. Тогаш играта ја води ВМРО, значи: Овие доаѓаат со 4, ти дали доаѓаш со 3. Не е ситуацијата од 2020. Не е од некоја голема љубов или сличност во нивните видувања за иднината на Македонија, таа синергија, туку е поради да се дојде во позиција да бидам јас тој што ги водам преговорите а не некој втор или трет“, вели Фатон Алити
Според аналитичарите, математички, според бројот на гласови, во вториот круг од претседателските избори би требало да влезат кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, односно Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова, во реприза од изборите од 2019-та година.