Потпретседателот на АА од крилото на Села, Ремзи Мехмеди, го оцени како незаконски вонредниот Конгрес на АА што вчера го организираше Арбен Таравари. Мехмеди рече дека во отсуство на делегати нема конгрес и, како што рече, нема легитимни или законски одлуки.
„Вчера немаше конгрес на Алијансата за Албанците, ниту редовен ниту вонреден, туку полу-шоу ала Тараварче, срамна фарса со цел да се манипулира со јавноста. Правата, обврските и правилата на однесување во рамките на Алијансата за Албанците се запишани во Статутот на Алијансата за Албанците. За да се нарече конгрес, на вчерашната партија требаше да присуствуваат конгресни делегати избрани на редовниот Конгрес на АА во 2022 година и кои се регистрирани во Основниот суд Тетово, чиј мандат по статут трае четири години, односно до 2026 година“, вели Ремзи Мемеди.
Реагираа од крилото на Таравари. Адвокатот Абидин Абдуи вели дека АА, крилото на Села претходно разрешило и назначило нови делегати. Вели дека нивните докази се фалсификувани, а очекува Апелација да го земе предвид статутот на партијата од 2022, за да се направи споредбата на делегатите.
„Јасни се упатствата на Апелациониот суд, каде што мора да се земат предвид заверените изјави на членовите на Централното собрание, кои категорично изјавуваат дека не учествувале на Централното собрание свикано од г. Зијадин Села, во Централното собрание одржано во ресторанот Буши, како и во упатството на апелациониот суд дека на вонредниот Конгрес се оди со сегашни делегати, а не со избор на нови“, вели Абидин Абдули.
Потсетуваме, Основниот суд во Тетово, во април 2024 година, одлучи печатите на партијата да му припаднат на крилото на Зијадин Села. Затоа, страната на Таравари тогаш се жалеше дека одлуката е донесена без рочиште и дека се сменети пет различни судии до конечната одлука.