Продолжува штрајкот во училиштата и градинките – СОНК и Владата со нова средба во обид за договор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во основните и средните училишта и во градинките денеска ќе продолжи штрајкот на вработените кој почна вчера организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. За да се најде решение, најавена е нова средба меѓу синдикатот и владини претставници која веројатно ќе се одржи денеска или утре.

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика соопштија дека социјалниот дијалог ќе продолжи, а синдикалниот лидер Јаким Неделков порача дека тој треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“.

Неделков вчера соопшти дека освен во градинки во некои општини, меѓу кои Карпош, Центар, Валандово, Гевгелија, вклученоста во штрајкот била масовна и со учество на 25 илјади вработени во училиштата и градинките.  Мал бил бројот на ученици кои дошле на настава, а релативно мал бројот на деца донесени во градинките каде што, како што рече, имало и посериозни притисоци да се прекине штрајкот. Некаде се  инсистирало времето на штрајкување да биде осум часа, но, рече Неделков, вработените треба да бидат онолку колку што им се смените во училиштата.

– Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете  било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус. Расположени сме тежината на нашите аргументи уште еднаш да ги претставиме пред надлежните и да ги убедиме дека ова што го бараме е издржано и да најдеме заедничко решение,  рече Неделков.

Додаде дека чекаат да бидат повикани на средба што вчера во краток разговор му ја најавил министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој, пак, вчера изјави дека го почитува синдикалното право на штрајк, но дека тој треба да биде последен чекор.

Социјалниот дијалог со СОНК, рече Шаќири, ќе продолжи за да се најде решение.

-Ќе повикам во најбрз можен рок да најдеме заеднички договор на овие проблеми и наставата да продолжи. Мислам дека во текот на неделава ќе имаме состаноци и сакам разбирање затоа што штрајкот требаше да биде последен чекор, рече  министерот при посетата на средно училиште „Владо Тасевски“.