Пропаѓа гласањето на законот со кој ќе се одложи пензионирањето на судиите?!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Пропаѓа гласањето за измените на Законот за работни односи со кои на десетици судии и дел од обвинителите би им било одложено пензионирањето.

Тоа е така затоа што денеска истекува рокот за овој закон да се гласа на пленарна седница, но нема доволно време затоа што најверојатно седницата за Интерпелацијата што ја покрена ВМРО-ДПМНЕ за работата на претседателот на Собранието Талат Џафери ќе трае до полноќ.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, за ТВ21 потврди дека денеска нема да има простор за седница бидејќи интерпелацијата ќе трае цел ден.

„Претходните денови со тегнење на кабли, уништување на опрема, со кинење хартии, со одолговлекување на времето во комисиите и вчера со реплики меѓу себе, направија ситуацика законот да не успее да го стигне датумот за кој е потребно донесување. ВМРО-ДПМНЕ можеби успеа да ја одложи правдата, но нема и не може да ја спречи“, изјави Митевски за ТВ21.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето зошто пратениците од неговата партија се против измените на овој закон, рече дека преку измените власта има намера да го продолжи работниот век на послушните судии и обвинители на СДСМ и ДУИ.

Инаку, министерот за правда Никола Тупанчевски посочи дека е очигледно оти работите се движат кон негласање законски измени.

„Тоа е сериозна работа која ќе има сериозни импликации, бидејќи пензионирањето на судиите и јавните обвинители значи дека голем број постапки ќе треба да почнат од почеток“, посочи Тупанчевски, кој предупреди дека враќањето од почеток на некои предмети значи застарување на истите.