Расте бројот на кршење на детските права – 113 регистрирани случаи, најмногу за детска сиромаштија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Ниту едно дете не се јавило директно на СОС линијата на детската амбасада Меѓаши. За кршењето на нивните права, најмногу пријави има од возрасните. Според претседателот на детската амбасада Меѓаши Драги Змијанац тоа е затоа што немаат довербата во институциите кои требаат да им го решат проблемот.

„Имаат можност да стапат во контакт со нас, имаат можност да се јават на бројот, на социјалните мрежи, да дојдат кај нас и да остварат личен контакт. Но довербата се уште ја немаат стекнато. Ние колку и да сакаме да ги охрабруваме да се јавуваат децата таа сигурност ја немаат. Во одреден случај кога кога сакаме да ја зачуваме анонимноста ни викаат да го пријавиме дојавувачот“, истакна Драги Змијанац.

Во споредба со 2018 година кога имало 107 пријави, во 2019-та имало 113 пријави за кршење на детските права. Институциите одговарат на пријавите, но мал број од случаите се решени.

„Имаме соработка со други надлежни институции најчесто со народниот правобранител, но и со центрите на социјална работа, се јавуваме и во училиштата. Не е голем процентот каде што сме постигнале ефикасност во решавање“, посочи Јорданка Трајковска.

Ана Чучкова која беше одговорна за СОС телефонката линија побара од институциите да пружат бесплатна мобилна и фиксна линија која ќе овозможи одржливост на стручниот тим на СОС линијата.

„Да се воведе и меѓународна СОС линија на која што би можела децата од други држави да се јавуваат и воспостават контакт. Би сакала да бидат опфатени и деца кои имаат лични проблеми а не само деца кои треба да ги поврзуваме со институциите“, вели Ана Чучкова.

Најголем број на пријави од родителите имало кога Владата донела одлука за задолжително примање на вакцината МРП, а многу родителите не можеа да ги носат нивните деца во градинка и училиште, поради тоа што не ги ваквинирале децата.