Во февруари 2019 година, првиот човек на Сарај, Блерим Беџети, заедно со поранешниот заменик-министер за здравство, Асим Муса, им ветија на жителите на општината дека наскоро ќе добијат Поликлиника.
„Проектот за Поликлиниката за Сарај е ставен како приоритет во Министерството за здравство. Во Буџетот за 2019 се издвоени средства во вредност од 40 милиони денари. Проектот е готов и е ревидиран“, истакна Асим Муса.
„Имајќи предвид дека работевме и бевме во постојана комуникација со сите институции, денеска констатиравме дека ја завршивме најважната фаза“, истакна Блерим Беџети.
Беше ветено дека во јули минатата година ќе стартува изградбата на Поликлиниката во Сарај. Но, во мај 2020, се чини дека градежните работи се до никаде. За да дознаеме повеќе детали околу Поликлиниката, се обративме до заменик-министерот за здравство, Арменд Арслани, кој потврди дека средствата се обезбедени и дека се очекува да започне изградбата на здравствениот објект.
„За Поликлиниката во Сарај би сакал да истакнам дека веќе е изготвен проект. Направено е ревидирање на проектот, а исто така е распишан и тендер. За овој проект конкурираа три градежни претпријатија. Направена е и проценка на понудите за изградба. Сите неопходни постапки се завршени“, посочи Арменд Арслани.
Заменик-министерот за здравство, рече дека изградбата на објектот ќе започне наскоро, а како една од причините за доцнењето, ја посочи ситуацијата со вирусот Ковид-19.
Се обидовме да контактираме и со градоначалникот на Сарај, Беџети, но тој беше недостапен. Според најавите, објектот требаше да се простира на површина од 1.500 м2, а вкупната површина вклучувајќи го дворот, паркот и паркингот требаше да изнесува 30.000 м2. Општина Сарај досега никогаш немала Поликлиника и Брза помош, иако брои 39 илјади жители.
