Исполнети се сите барања на Христијан Мицкоски кои тој ги постави за да гласаат за уставните измени, велат од СДСМ, барајќи од опозициската ВМРО-ДПМНЕ поддршка за постигнување 80 гласа за уставните измени.
-Со оставките на министрите од ДУИ, што ќе стапат на сила веднаш по усвојувањето на уставните измени, Мицкоски и ДПМНЕ можат веднаш да станат дел од Влада во која нема да учествува ДУИ, а потоа и да се организираат предвремени избори. Се што треба да направат е да се вклучат во процесот и да дадат поддршка за уставните измени. Во спротивно, ќе покажат дека се несериозни и неодговорни пред сопствениот народ и пред иднината на државата-велат од СДСМ.
На прашањето за тврдењето на СДСМ дека се исполнети сите барања на ВМРО-ДПМНЕ, портпаролот на оваа партија го повтори ставот дека станува збор за лажна агенда за да добијат на време и дека на земјата и се потребни само предвремени избори.
Во врска со оставките зборуваше и првиот вицепремиер Артан Груби. Во интервју за Ора Њуз рече дека “зад оставките на ДУИ стои ЕУ, стои интеграцијата на земјава во ЕУ“. Потоа додаде дека не се за предвремени избори бидејќи сметаат дека тоа не е решение.
Инаку, пленарната седница за уставните измени ќе започне на 18 август но кога ќе се гласа останува нејасно, бидејќи власта ги нема потребните 80 гласа за уставните измени за внесување на Бугарите и другите етнички заедници.