Се бара намалување на придонесите во Македонија, оти сега е неконкурентна со соседите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Македонија има највисоки придонеси за плата, што ја прави неконкурентна дури и со соседните земји, со што нашиот пазар е уште повеќе изложен на ризик од губење на работна сила. Поради ова, Стопанската комора на северо-западна Македонија (СКСЗМ) бара да се намалат придонесите од нето платата, како предуслов за зголемување на платите на вработените.

Од комората велат дека Македонија во моментов има највисоки придонеси за плата во регионот. На графиконот може да се забележи, дека во Македонија дури 52% се плаќаат придонеси на плата од 1000 евра. Најниски придонеси се плаќаат кај нашиот сосед Косово, само 14,36%.

Ставот на СКСЗМ за намалување на придонесите на ниво од 32% од нето плататa e предуслов за зголемување на платите на вработените, со што би се создала долгорочна перспектива на граѓаните во земјата.

Минатата година овој предлог беше презентиран и пред ресорната министерка Јованка Тренчевска. Владата засега молчи, а економисти велат дека ваквата идеја можеби е добра за бизнисите.

„Со прифаќањето на оваа иницијатива очекуваме во старт да се зголемат платите, а со линеарното плаќање на придонесите за сите плати би се поттикнале компаниите да ги зголемат платите бидејќи тие така би се чувствувале сигурни дека нема да има промени“, појаснуваат од комората.

Според Комората, на овој начин македонските компании би станале поконкурентни во однос на регионот каде што зафаќањата за плати се далеку пониски од оние во земјава и се движат од 27 до 32%.

„Во регионот имаме различни проценти на зафаќање од платите почнувајќи од 27 до 32%. Соодветна на тоа е и разликата во висината на просечните плати. Кај нас зафаќањата се наголеми од 36% и повеќе, а просечната плата е најниска во регионот. Во нашиот предлог го земаме највисокиот износ на придонеси од 32% и бараме тој да се применува линеарно за сите плати. Со тоа ќе се избориме со конкуренцијата да не ни ги зема работниците“, велат од комората.