Седница на Совет на Град Скопје: Донација за проектот за реконструкција на Универзалната сала и продолжување на изградба на забавниот парк

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ


Одлуките за прием на донација на проектно-техничка документација за објект ЈУ „Универзална сала“ – Скопје, како и за изменување и дополнување на одлуките за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема – реквизити и нивно монтирање, се главните точки за кои ќе расправа и одлучува Советот на Град Скопје на денешната седница, информираат од Градот.

– Советот треба да расправа за примање на донацијата на проектно-техничка документација за реконструкција и санација на Универзалната сала. За потсетување, обезбедени се 120 милиони денари средства од Буџетот на РСМ за реализација на овој проект од огромно значење за скопската и македонската култура и традиција, велат од Град Скопје.

Оттаму известуваат дека Советот ќе расправа и за две измени на одлуки околу реализацијата за проектот за изградба на нов забавен парк во Градскиот парк, со која се предвидува продолжување на реализацијата на овој проект.

– За изградба на нов забавен парк, Град Скопје на почетокот на 2020 година донесе одлука за земање заем наменет за негова изградба. Но, поради новонастаната состојба поврзана со коронавирусот, оваа одлука се укина и средствата за задолжување се пренаменија за изградба и реконструкција на сообраќајници во Град Скопје. Со новите две измени на одлуките се предвидува фазно продолжување на реализацијата на овој капитален проект, каде што финансиските средства за проектирање, изградба, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање ќе се обезбедат од Буџетот на Градот Скопје за 2021, 2022 и 2023 година, информираат од Град Скопје.

На денешната седница Советот ќе расправа и за годишна сметка на Буџетот на градот, годишниот извештај, одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка меѓу Град Скопје и општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари за реализација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град – Смарт Сити.

Освен за овие одлуки, Советот ќе расправа и за одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка со општина Чаир за проценка на недвижен имот за потребите на општина Чаир, како и извештајот за извршениот попис на средствата и изворите на средства на Град Скопје за 2020 година.