Шаќири: Новото училиште во Визбегово треба да биде готово до почетокот на новата учебна година

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска изврши увид во градежните активности на новиот училишен објект во населбата Визбегово, кој се гради со средства од буџетот на МОН и согласно предвиденото треба да биде завршен до почетокот на новата учебна година.

– Минатата година го означивме почетокот на градбата, а денеска сме тука да видиме како се одвиваат градежните работи. Од изведувачот добивме уверување дека објектот ќе биде завршен во предвидениот рок, по што ќе следува негово опремување со училишен инвентар и нагледни средства, изјавил Шаќири.

Инвестирањето во образовната инфраструктура, потенцирал Шаќири, и натаму ќе биде еден од приоритетите на Министерството за образование и наука затоа што тоа е еден од условите за квалитетна настава и едукација на младите.

– Максимално сме посветени на сите општини, на сите рурални и урбани средини каде има потреба од инвестиција, затоа што сите ученици се еднакви и исти и заслужуваат квалитетно образование, додал Шаќири.

За оваа инвестиција, како што информира ресорното Министерство, издвоени се средства од буџетот на МОН во висина од 107 милиони денари.