Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром поднесе оставка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром, соопшти дека по две години на таа функција поднесува оставка. Тој најави и дека целосно ја напушта политиката.

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром објави дека поднесува оставка по две години на таа функција.

„Со измешани чувства на тага и гордост, денеска го информирав премиерот дека пред да започне Риксдагот, ја напуштам функцијата министер за надворешни работи“, рече Билстром во објавата на социјалната мрежа Х.

Тој додаде дека целосно ја напушта политиката, со што ќе остане празен неговиот мандат во Риксдаг, пренесува шведскиот јавен сервис СВТ.

Тој истакна дека одлуката што ја донел не била лесна и дека долго размислувал за тоа.

„Имав различни позиции во политиката во изминатите 25 години, од кои 10 како министер, прво како министер за миграција во коалициската влада, а потоа како министер за надворешни работи“, рече Билстром, кој беше и шеф на парламентарната група во Риксдаг и потпретседател на парламентот.

Тој му се заблагодари на премиерот Улф Кристерсон за довербата во претходните две години.

Од 2022 година, Билстром е министер во кабинетот на Улф Кристерсон, кој се состои од умерени, демохристијани и либерали, а најважните ресори, како што се правдата, надворешните работи, финансиите, одбраната и трговијата, отидоа кај умерените предводени од Кристерсон.

Не се знае кој ќе го замени Тобијас Билстром на шефот на дипломатијата.