Силен земјотрес во Турција и Грција, има загинати, стотици се повредени, се урнаа над 20 згради

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За само неколку секунди облак од прашина се издигна над Измир. Од силниот земјотрес се урнаа неколку згради.

Во земјотресот со јачина од 6,6 степени што се случи на отворени води во Егејско Море, кај местото Сеферхисар во Измир, загинаа 6, додека повредени се 202 лица, јави агенцијата Анадолија.

ВИДЕО ИНТЕРВЈУ:

Оваа информација преку писмено соопштение ја потврди Управата за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи на Турција. Сепак, бројката е до 18 часот. Можно е да бројот на жртви и повредени да расте, со оглед на тоа дека се уште има луѓе заробени под урнатините.

Некои имаа среќа, бидејќи беа извлечени живи.

Во истиот момент земјотрес и во Грција. Најмалку четворица се повредени, материјална штета на објекти и излевање на морето, е првичниот неофицијален биланс од силниот земјотрес со јачина од 6.7 степени според Рихтер на грчкиот остров Самос.

Локалното население излезе на улиците, а морето ги поплави крајбрежните делови на островот. Сеизмолозите предупредуваат за последователни земјотреси и можност за мало цунами.

Од Секретаријатот за цивилна заштита на Грција преку бројот за итни случаи 112, испратија порака до жителите на Самос и повик да избегнуваат опасни објекти, да останат на отворено, да не ги користат телефоните непотребно, да останат подалеку од плажите, да ги следат медиумите и дека постои опасност од големи бранови.

Епицентарот на земјотресот бил на 19 километри северозападно од Самос, во морскиот дел меѓу грчкиот остров и турското крајбрежје.

Силниот земјотрес беше почувствуван речиси во сите делови на Грција и во Атина иако е на голема оддалеченост од епицентарот. Според турските медиуми, земјотресот се почувствувал и во Истанбул.