Смртноста од Ковид-19 во светот се зголеми за повеќе од 20 отсто

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Случаите на зараза со коронавирус во светот минатата недела се зголемија за осум проценти, а смртноста од Ковид-19 се зголеми за 21 отсто, соопшти Светската здравствена организација.

Новопотврдените случаи се над 3,8 милиони, а смртните случаи од Ковид-19 се повеќе од 69.000. Најголем пораст на бројот на починати има во Југоисточна Азија, Северна и Јужна Америка.

Во периодот од 19 до 25 јули, СЗО примила податоци за просечно 540.000 нови инфекции дневно, во споредба со 490.000 за претходната недела. Заклучно со 25 јули, во светот се регистрирани вкупно 193.657.729 случаи на инфекција и 4.154.660 починати пациенти.

На неделно ниво, инциденцата се намали во Африка (за девет проценти), Југоисточна Азија (за седум проценти) и во Источен Медитеран (за четири отсто).

Зголемен број случаи е регистриран во Северна и Јужна Америка (за 30 проценти), во Западен Пацифик (за 25 проценти) и во Европа (за три проценти). Во Европа има намалување на бројот на смртни случаи (за еден отсто). Повеќе од милион луѓе се заразени, а над 7.000 починаа на Стариот континент во изминатата недела. Според СЗО, делта сојот е присутен веќе во 132 земји.