Собранието ги донесе законите за данокот на солидарност, за додадена вредност и за данок на добивка

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Собранието на Република Северна Македонија на денешната седница ги донесе законите за данокот на солидарност, дополнувањата за законите за додадена вредност и за данок на добивка. Општата расправа за овие законски решенија беше завршена на претходни продолженија на 120. седница.

Пратениците денеска ги прифатија предлозите за избор на Абдулменаф Беџети, Марина Трпевска и Глигор Бишев за нови членови на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, а го донесоа и предлог законот за ратификација на спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија зa меѓународен воден транспорт во Oхридското Езеро. Беше изгласан и предлог законот за изменување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка, како и првото читање од предлог на законот за советодавен систем за земјоделството и руралниот развој и предлог одлуката за давање согласност на Статутарната одлука за изменување и дополнување на Статутот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија. Собранието ги донесе и финансиските и годишните извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2022 година.

Пратениците денеска почнаа и со 126.пленарна седница на која ја утврдија потребата за донесување по скратена постапка на измените и дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година и за здравствена заштита.

По прифаќањето на дневниот ред по 126. Собраниска седница, пратениците ги прифатија вторите читања од предлог законите за адвокатура, како и изманите за семенски и саден материјал за земјоделски растенија и за семејство.

Народните избраници со работа по 126. седница треба да продолжат по редовната пауза во 15 часот.