Александар Спасеноски во емисијата Click Plus на ТВ21 оцени дека престојните партиски конгреси кај владејачките и опозициските партии ќе имаат различен карактер – додека кај ВМРО-ДПМНЕ ќе се потврди континуитетот на раководството и досегашните политики, кај СДСМ и ДУИ може да се очекува засилен притисок за кадровски и политички промени.
„Овие конгреси најчесто имаат улога да го потврдат континуитетот – и во кадровска, и во политичка смисла. Кај ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе биде конгрес на стабилизација и потврда на актуелното раководство. Но, во ситуации кога одредена партија бележи пораст или пад на изборите, се засилува притисокот за редефинирање на партиската политика“, истакна Спасеноски.
Тој објасни дека ваквиот притисок моментално е најприсутен кај СДСМ и кај ДУИ, партии кои по изборите влегуваат во фаза на преиспитување.
„Кај ДУИ веќе имаме јавно ветување дека ќе се одржи конгрес со цел да се редефинира кадровската структура и политиките, за партијата повторно да стане кредибилен фактор на следните парламентарни избори. Дали тоа ќе успее, ќе зависи од суштината на промените,“ рече Спасеноски.
Во однос на СДСМ, тој потсети дека оваа партија има посебен механизам на внатрепартиска демократија, каде што претседателот не се избира на конгрес, туку преку непосредни избори со принципот – секој член, еден глас.
„СДСМ има и статутарна обврска по секои избори да одржи конгрес на кој се прави анализа на резултатите. Тоа ќе создаде дополнителна динамика, бидејќи слабиот изборен резултат ќе наметне потреба од кадровски и политички прилагодувања,“ додаде тој.
Според Спасеноски, пораката од изборите е јасна – граѓаните очекуваат резултати и нова енергија, а не само формално потврдување на партиските лидери.
