Средба на вицепремиерката Грковска со државниот јавен обвинител Коцевски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа работна средба со новоизбраниот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Грковска упати честитки до Коцевски за неговиот избор на челната позиција во Обвинителството и му посака успех во вршењето на функцијата и во исполнувањето на очекувањата на граѓаните и меѓународните партнери.

Државниот обвинител истакна дека основни начела во неговата програма за работа се зголемување на транспарентноста, ажурноста и ефикасноста на обвинителските органи, со цел да се зголеми довербата на граѓаните во институцијата. Двајцата соговорници се согласија дека транспарентноста е клучна за да се подобри перцепцијата на граѓаните за работењето на обвинителството, а истовремено на тој начин се подобрува и отчетноста и ефективноста во секојдневната работа.

На средбата се разговараше и за останатите приоритети, кои ги истакна државниот обвинител Коцевски, меѓу кои и за финансиската самостојност на обвинителството, промоцијата на култура на интегритет кај обвинителите и забрзувањето на процесот на дигитализација. Со оглед дека еден од најголемите проблеми со кои се соочува Јавното обвинителство е недостигот на кадровска екипираност, на средбата стана збор за потребните измени во законски и подзаконски акти, кои би помогнале во надминување на овој предизвик, како и за издвојување на проектираните средства за обвинителството со наредниот буџетски ребаланс.

Тие разговараа и за иницијативата на вицепремиерката за донесување на измени во Законот за рестриктивни мерки. Јавниот обвинител Коцевски најави дека ќе заземе проактивен однос во врска со користењето на меѓународната правна помош, како механизам кој овозможува да се направат проверки во странски држави на околности и наводи содржани во т.н. црни листи.