ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра – Владата останува на законското усогласување во март

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Работниците бараат зголемување на минималната плата од 600 до 700 евра веднаш. Ова го покажала анкетата на Сојузот на синдикатите на Македонија спроведена на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.

87,2 проценти од работниците во Македонија на анкетата која што ја спроведе Сојузот на синдикатите на Македонија, за потребата од растот на минималната плата одговорија дека минималната плата треба да се зголеми задолжително на 600 до 700 евра. Исто така за истакнување е дека 52,8 проценти од испитаниците потврдиле дека се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти од нив потврдиле дека се подготвени да штрајкуваат за да го остварат ова право, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Вчера пак министерот за економија Бесар Дурмиши беше дециден дека нема да има интервентно зголемување на минималната плата под притисок на синдикатите. Кажа дека минималната плата ќе се зголеми во март, но само онолку колку што законски следува, согласно формулата за пресметка. Популистички одлуки нема да има- рече тој – бидејќи анализите покажале дека тоа ќе ја зголеми инфлацијата.

Да одиме на притисокот кој што ни го прават синдикатите, ние со таа одлука ќе вршиме притисок на малите и средните претпријатија, каде што врз тој притисок они ќе немаат финансиски средства да ги платат своите работници. Ќе бидат на некој начин да кажеме, ќе мора да ги отстранат од работните места тие работници што ги имаат, каде што ќе влијае на инфлацијата поради тоа што е економски циклус, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија и труд.

Дурмиши најави дека до крајот на месецот ќе го свика Економско социјалниот совет. Таму ќе се бијат копјата за минималецот, а ќе се прецизираат и владините просечни потрошувачки кошнички.