Тачи еден чекор пред влез во власта? – Меџити најавува поголеми потреси во Европскиот фронт, од коалицијата негираат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Можно е лидерот на ДПА Мендух Тачи откако го напушти Европскиот фронт да се приклучи кон владејачкото мнозинство, или пак ќе делува самостојно со поддршка за владејачката коалиција. Иако беше најавено, Тачи се уште не излегол во јавноста за официјално да соопшти за причините за напуштањето на Европски фронт, но и за неговите натамошни чекори. Вицепремиерот Изет Меџити запрашана за тоа дали веќе има разговори со Тачи за негово преминување, рече дека тој лично немал, но најави дека во Европскиот фронт ќе има поголеми потреси. Меџити ова го најави уште по завршувањето на изборите, кога рече дека најмалку 3 до 4 пратеници ќе преминат на страната на парламентарното мнозинство. 

„Тие се заедно како Европски фронт не заради европски вредности или за некоја идеологија, туку по секоја цена, значи единствена нивна цел е да бидат по секоја цена пак на власт. Моментот кога не се во власт нема што да ги спои. Значи моментот кога не се власт полека но сигурно, не се дестабилизира ни владата ни државата, туку се дестабилизира Европскиот фронт. Значи, ова е само почеток на нивниот крај. Па јас мислам дека ќе има случувања и ќе има поголема дестабилизација во Европскиот фронт“, вели Изет Меџити.

Но од Европскиот фронт велат дека коалицијата е стабилна и дека како пратеничка група функционираат во полн состав. Оттаму велат дека од Тачи немаат никакво известување за напуштање на фронтот.

„Европскиот фронт функционира во полн состав во Собранието и за евентуални прашања можете на господинот Мендух Тачи да му поставувате за тој појасно да ви одговори. Јас како пратеник во кажувам дека парламентарната група на Европскиот фронт работи во полн состав моментално“, вели Рина Ајдари.

Најавата за напуштање на Европскиот фронт произлезе откако тој не се појави на настанот што го организираше оваа коалиција за критиките за стоте дена Влада. Без Тачи, Европскиот фронт ќе остане со 17 пратеници, но неофицијално се наведува дека за тоа размислуваат и од Унијата на Ромите.