За шест или седум дена ќе помине периодот на емотивни реакции на ВРЕДИ, предвидува претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари. Тој вели дека ВРЕДИ има можност за соработка и за кандидати за градоначалници на локалните избори, во спротивно Алијанса за Албанците ќе разгледа и други опции за соработка.
–Гледам дека реакциите се емотивни. Многу горки. Ова сугерира дека имало нешто потсвесно што ги натерало да зборуваат вака. Мислам дека тоа се непромислени изјави. Периодов ќе се трудам заедно со партиските органи да бидам максимално трпелив, смирен и што помудар, изјави Арбен Таравари, АА.
Но, сигналите кои доаѓаат од поранешните коалициски партнери не само што не даваат надеж за соработка, туку сакаат да ја тргнат и Алијанса за Албанците од Владата. Лидерот на Алтернатива Зеќирија Ибрахими на Фејсбук напиша дека „малку ДУИ, малку Влада, не може докторе!“.
По набројувањето на неколку претходни изјави на Таравари за можностите за идна соработка, Ибрахими заклучува дека „во сето ова само едно е точно – „Ова не го направив затоа што не го сакав ВРЕДИ, туку затоа што Али Ахмети и ДУИ го побараа тоа од мене“.
Што се однесува до останувањето или не на Алијанса за Албанците во Влада, Таравари очекува тоа да го одлучи тој што ја формира владата – премиерот. Тој самиот смета дека Алијанса за Албанците и е потребна на оваа влада иако додава дека не би им било проблем да ја напуштат.
А како стојат работите со парламентарната група на ВРЕДИ? Собранискиот спикер Африм Гаши рече дека сега за сега нема промена во однос на парламентарните групи и дека сите се исто како и до сега од почетокот на парламентарниот состав.
