Таравари со ветување за оние без договори: Половината ќе добијат решенија до крајот на годината, другите следната година

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Над 2.500 вработени во здравството и понатаму остануваат без договори и веќе неколку месеци немаат земено плата. Министерот Арбен Таравари вели дека до крајот на годинава на половина ќе им се дадат решенија за работа, додека другата половина, во 2025 година.

-Со договори не само во Тетово, туку во цела Македонија има 2.500 лица, здравствени кадри и ќе се обидеме до крајот на годината барем половина од овие вработени да добијат решенија, а следната година се надевам и другата половина, нормално верувам дека кога ќе се ослободат местата на оние со договори, болниците имаат можност и простор да склучат нови договори, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.

Таравари ова го изјави при посетата на Клиничката болница во Тетово. Запрашан што се случи со апаратот за магнетна резонанца што беше оштетен при поплавите во Тетово, министерот посочи дека ќе се поправи.

-Не дека не работи, не дека не функционира, само има мал дефект кој треба да се поправи. Во моментов, колку што знам, се обидуваат да го поправат, управата ангажирала фирма која треба да го провери дефектот и да го среди, изјави министерот за здравство, Арбен Таравари.

За недостигот на друга опрема во болницата во Тетово, Таравари рече дека е подготвен да инвестира, но чека директорот на болницата да поднесе барање до министерството. За годинава рече дека приоритет останува изградбата на болницата во Кичево и инвестициите во Тетово и Штип.