Тетово – насобрани неколку тони отпад – Теута Арифи чека швајцарски проект

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На местото за дотур и собирање на отпадот во Тетово собрани се тони отпад и градот се “дави“ во ѓубре. Ниту затворениот систем за собирање на отпад на локацијата во близина на селото Фалише не функционира. Во 2017 овој проект беше промовиран како долгорочно решение за градот Тетово, односно за дислокација на депонијата. За решавање на овој проблем, во едно од своите последни обраќања градоначалничката Теута Арифи изјави дека чека швајцарски проект.

„Во рамки на швајцарскиот проект за депонијата Русино предвидени со два центра за дотур и собирање. Еден од нив ќе биде во Тетово, а другиот во некоја друга општина, и за тоа очекуваме уште неколку работи околу финансирањето бидејќи мислам дека имаме уште еден финансиски извор“, истакна Арифа.

Елмедина Абдулаху од НВО Мајка и Дете вели дека дислоцирањето на депонијата било тактика на општината за депонијата да се тргне од очите на граѓаните. Но со оваа тактика, Абдулаху вели дека градоначалничката Арифи само го сокрила, а не го решила проблемот.

„Тоа беше тактика на општината, од локација која е видлива и фреквентна ја преместија депонијата на скриено место и е полесно да се менаџира актуелната ситуација, но еве вие сте новинари и некои работи излегуваат на виделина. Ние сме имале случаи да гледаме и чад од таму како и палење исто како што се случуваше со депонијата овде. Овие работи не можат да се скријат и не можат да се прикријат со административна работа и ПР на општина Тетово“, додава Абдулахи.

Ова не е прв пат градоначалничката Арифи да вети решавање на проблемот со депонијата. И во април 2013 кога Арифи беше кандидат за градоначалник на Тетово изјави пред медиумите дека ќе изгради место за дотур и собирање на отпадот според потребните стандарди.

„Нашиот ангажман ќе биде за овој проблем да бараме и да најдеме решение, секако на прво место да го исчистиме градот од отпадот и врз основа на потребните стандарди да направиме транзитна депонија која ќе го транспортира отпадот во депонијата Русино“, вели Арифи.

Депонијата во Тетово до сега смени неколку локации. Од автобуската станица се премести на влезот на градот од страната на Скопје, а потоа на патот кој води кон селото Требош. Последно, депонијата е лоцирана во близина на селото Фалише. Според податоците, во градот Тетово секојдневно се депонираат од 150 до 170 тони отпад и нефункционирањето на затворениот систем и несобирањето на отпадот  во депонијата Дрисла  предизвика цел рид од отпад во близина на селото Фалише.