Доволно е само еднаш да ја погледнеш куќата за да ја разбереш маката на ова семејство.
7-членото семејство Метовски од Прилеп живее во тешки и незавидни услови. Азбие вели дека честопати го јадат само лебот што ќе го замеси.
-Куќата е во многу лоша состојба. Работата е тешка. И работата околу тутунот е тешка. И татко е болен и не може да оди да работи-вели Азбие.
Домаќинот е болен. Пред три години ги оперирал глуждовите на нозете Само лежи, немоќен да му помогне на своето семејство.
-Како си со здравјето? Добро ли си?
-Добро, добро.
-Имаш ли болки?
-Да, имам.
-Дали беше на лекар?
-Не, не бев.
-Зошто?
-Не знам…
Неговата сопруга колку може се труди да му помогне. Сега, целиот товар е врз рамениците на нивниот најстар син Шабан. Тој вели дека најтешко им е во текот на зимата, кога е ладно и врнежливо, бидејќи водата влегува внатре во куќата.
-Еве сѐ испука. Сѐ. Целата куќа е ваква. И внатре е распукана-
-Прозорците се отворени?
-Да, во текот на зимата е многу ладно. Тука во зима не се спие, многу е ладно.
Ова семејство зема социјална помош 10 илјади денари, а се трудат да обезбедат дополнителни приходи со одгледување тутун. Откако дознале за нивниот случај, Хуманитарното здружение „Рака на милост“ им донираше пакети храна. Семејството Метовски бара од хуманите луѓе да им помогнат за да заминат од ова место, во кое тешко се живее.
