Владата по барање на Министерството за здравство, одржа вонредна седница поради најавите за топлотен бран и донесе соодветни препораки.
Според Институтот за јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, на 11 и 12 јуни 2024 година (вторник и среда), градовите Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран ќе бидат зафатени од високи температури од портокалова фаза.
Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури според Акцискиот план за превенција од топлотни бранови:
1. Ослободување од работните обврски за најранливите групи, како бремени жени и лица над 60 години.
2. Во градинките да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
3. Локалните самоуправи, Црвениот крст и Центрите за социјална работа да пружаат помош на осамени, стари и бездомни лица.
4. Работодавците да ги почитуваат законските прописи за заштита на работниците од ризични производни и технолошки процеси.
Исто така, на 11 и 12 јуни 2024 година, Скопскиот и Вардарскиот регион ќе бидат зафатени од високи температури од жолта фаза (аларм – подготвеност). Во овие региони ќе важат општите препораки кои ќе ги соопшти Министерството за здравство.