Требал да го сокрие и уништи пиштолот – ОЈО со истрага за лице, за помагање во убиството на Вања и Панче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага за помагање при убиство и киднаширање на Вања и Панче против лицето З.Д, член на партијата Десна и вработен во Народната банка како техничко лице. Тој во текот на денешниот ден беше во полициска станица на распит, откако вчера експресно беше уапсен, по откривањето на неговиот идентитет, од страна на друг обвинет за време на судско рочиште.

-По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени. Со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбеди и судски наредби со кои беа извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија, соопшти ОЈО.

Инаку, во текот на вчерашното рочиште, Велибор Манев, еден од обвинетите, откри дека имало уште едно лице, член на партијата Десна, вработен како технички персонал во Народна Банка, кое помогнало да се скрие пиштолот.

-Ова е последната коцка од сложувалката. Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка. Дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, за тоа што го зел од канцеларијата, како што се изрази Палевски „пакетот“, да го отстрани од кај него, да го фрли или да го уништи, да не може да се најде. После тоа морав да го известам Палевски дека сум се јавил и сум ја пренел пораката, изјави Велибор Манев, обвинет.

Сепак, за ова лице нема да има притвор, туку привремено одземање патната исправа, забрана за издавање на нова, како и повремено да се јавува кај службено лице во судот.

Истрагата против ова лице претставува посебен предмет, велат од обвинителството кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза.