Учениците од утре се враќаат на настава – заврши зимскиот распуст

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За основците и средношколците денеска е последниот ден од зимскиот распуст кој трае од 31 декември. Утре ќе го продолжат второто полугодие од учебната 2020/2021 година и ќе се вратат на настава – пред ИТ-уредите или во училишните клупи.

Согласно со измените на Календарот за организација на работата на училиштата (основни и средни), првото полугодие оваа учебна година почна еден месец подоцна, односно на 1 октомври, а бројот на наставни денови е намален од 180 на 159.

Денеска е и последниот ден за праќање по електронска пошта до МОН коментари, предлози и сугестии за Нацрт-концепцијата за основното образование која е поставена на веб-страницата на Министерството за образование и наука.

Министерката Мила Царовска во петокот соопшти дека и отккао ќе заврши рокот за коментари по мејл (20 јануари), ќе продолжат усните дебати со сите засегнати во процесот за, како што рече, „да се расчистат дилемите кои намерно или ненамерно беа наметнати во јавноста“.

– МОН и работната група што ја направи концепцијата ќе ги земе предвид конструктивните коментари и во наредниот период ќе треба заеднички да ја донесеме новата концепција и да почнеме во наредната училишна година, изјави Царовска во петокот. Таа денеска ќе има средба со директорите на основните училиштата во врска со нацрт-концепцијата.