Училиштата во Гевгелија се вклучија на штрајкот на СОНК – во Миравци наставата се одвива делумно

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Гевгелиски основни училишта „Крсте Мисирков“ и „Владо Кантарџиев“, како и средното училиште „Јосиф Јосифовски“ се вклучени во генералниот штрајк на СОНК за исполнување на барањата за зголемување на платите за 18,4 отсто и минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места.

Покрај гевгелиските училишта, настава нема ниту во основното училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци, а делумна настава се одвива во основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци од каде посочија дека дел од наставниците не штрајкуваат и реализираат настава, а дел штрајкуваат во училишна просторија определена за таа цел.

Од централната детска градинка „Детска радост“ соопштија дека се згрижени сите дечиња кои утрово биле донесени од родителите во трите гевгелиски градинки. Дел од воспитувачките кои се определиле да штрајкуваат се сместени во посебна просторија.