Урсула фон дер Лајен пристигна во Бугарија на отворањето на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен вечерва допатува во Софија по повод претстојното пуштање во употреба на меѓусистемската гасна врска Грција-Бугарија, објави Претставништвото на Европската Комисија во Бугарија на својата Фејсбук страница.

Урсула фон дер Лајен на софискиот аеродром ја пречека вршителот на должноста шеф на Претставништвото на ЕК во Бугарија, Цветан Ќуланов.

Во рамки на посетата, претседателката на ЕК ќе оствари средби со претседателот на Бугарија, Румен Радев, како и со претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, кои ќе присуствуваат и на церемонијата на пуштање во употреба на интерконекторот. На настанот веќе пристигна и еврокомесарот Кадри Симсон.

Интерконекторот, кој ги поврзува мрежите за пренос на гас на Грција и Бугарија, обезбедува пристап до Јужниот гасен коридор и голем број нови извори на природен гас, клучни за енергетската диверзификација на Бугарија, официјално ќе биде во функција од 1 октомври.

Гасоводот е со вкупна должина од 182 километри и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод. Уште во 2010 година ЕК финансираше 45 милиони евра за физибилити студии, а потоа уште 35 милиони евра од вкупната вредност на гасоводот, што е 240 милиони евра, од кои Европската инвестициска банка кредитира за изградбата со 110 милиони евра.