Поранешниот американски претседател Доналд Трамп бил повреден од куршум во напад на предизборен митинг во Батлер, објави Вашингтон пост, повикувајќи се на окружниот обвинител.
Напаѓачот и еден од посетителите се убиени.
„Тајната служба спроведе заштитни мерки и поранешниот претседател е безбеден“, беше официјално објавено.
Истрелите одекнаа веднаш откако Трамп го започна говорот на митинг на отворено во градот Батлер.
https://x.com/stoolpresidente/status/1812261435491422349?t=E14WdYbUOQOIYI0mO5SNGA&s=19
Агентите веднаш го соборија Трамп и го легнаа под подиумот. Си-Ен-Ен објави дека поранешниот претседател е повреден, но не соопшти детали. На видеото се гледа дека Трамп има малку крв околу десното уво и на десната страна од лицето. По неколку моменти станал, опкружен со агенти кои го придружувале од бината до автомобилот. Тој во знак на инает ја крена тупаницата во воздух, а поддржувачите го бодреа.
Портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг, рече дека на поранешниот претседател „добро му оди“.
„Претседателот Трамп им се заблагодарува на органите за спроведување на законот и на итните служби за нивната брза реакција за време на овој грозоморен чин. Тој е добро и моментално е на преглед во локалната медицинска установа. Наскоро ќе имаме повеќе детали“, изјави Чеунг.
„Видовме како многу луѓе се фрлаат на земја, изгледаат збунето, слушнав пукотници, звучеше како нешто меѓу петарди и пиштол од мал калибар“, изјави за АФП Џон Јејкал, сведок на местото на настанот.
Претседателот Бајден е информиран за ситуацијата, соопшти Белата куќа. Ова беше последен предизборен митинг на Трамп пред почетокот на Националната конвенција на Републиканците во Милвоки во понеделник.
