Високи полициски функционери добија отказ – Тошковски: Се давале дозволи за оружје на луѓе кои законски немале право

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Комисијата за ревизија на постапките за издавање дозволи за оружје открила дека повеќе од 5.000 предмети не се обработени, а некои се решени спротивно на законот. Поради ова, Одделот за внатрешна контрола предложил дисциплински постапки, вклучувајќи откази за околу 15 високи полициски функционери од претходната власт, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тошковски во интервју за Сител истакна дека во минатото оружје им било давано на лица кои не имале право на поседување, додека други, кои имале право, не успеале да ја завршат постапката. Тој најави и дигитализација на процесот за издавање дозволи.

„По насока на јавен обвинител, ќе бидат поднесени кривични пријави за оние за кои се утврдат елементи на кривично дело. Овие лица добиле отказ, а следуваат и кривични постапки“, рече Тошковски.

Министерот најави и нов закон за поседување оружје, усогласен со законодавството на ЕУ, кој ќе се базира на темелна анализа и системски решенија во интерес на граѓаните.

Во одговор на прашањето за безбедноста на државата, Тошковски увери дека Министерството за внатрешни работи и другите институции се подготвени да се справат со сите потенцијални безбедносни закани.