ВМРО-ДПМНЕ: Богдановиќ беше во кафеана во полициски час – градоначалникот на Центар демантира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

ВМРО-ДПМНЕ објави фотографии дека градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ бил во кафеана и тоа за време на полициски час, и побара оставка од него.

„Вчера Саша Богдановиќ беше во кафеана, го служеа келнери, додека сите останати се под клуч и полициски час.

Ова е матрицата на СДСМ за непочитување на закони, Заев отвора хотели само за него, а Богдановиќ кафеани.

Ова вчера беше брутално газење на законите од најверниот слуга на Заев, Богдановиќ.

Саша Богдановиќ, доколку имаше малку кредибилитет оставка требаше да дадеш уште вчера, но и сега не е доцна. Додека ти вчера кршеше полициски час и кафеана работеше само за тебе триесетина луѓе починаа од КОВИД-19.

Аздисаноста на власта е шамар за граѓаните. Оваа аздисаност се случува додека близу 150.000 луѓе се заразија од КОВИД-19, над 4.600 ги загубија сопствените животи, 60.000 останаа без работа, 6.200 фирми се затворија. Оваа аздисаност е додека Македонија тоне заради нивната неспособност.

Саша Богдановиќ да си напише оставка веднаш. Доколку имаше морал тоа ќе го стореше уште синоќа, но денеска е веќе обврска.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Богдановиќ, пак, се правда дека вчера сместувал гости од Белград и еден кошаркар на КК Работнички во хотел.

„Целосно ги отфрлувам и демантирам информациите дека во текот на изминатиот ден сум седел во кафани за време на полициски час и сум прекршувал закони.

Во текот на вчерашниот ден, сместував гости во хотел дојдени од Белград и кошаркарот на КК Работнички, кој е најновото засилување во нашиот клуб.

За сето сместување и престој поседувам документација и сведоци. За да се расчисти целиот случај и да се докаже вистината, сите аргументи ги доставив до сите надлежни органи.

Воедно барам извинување за напишаните текстови во рок од 24 часа и објава на мојата реакција. Во случај да не се случи тоа, ќе покренам граѓански спор.“, стои во изјавата на Богдановиќ.