ВМРО-ДПМНЕ побара на дневен ред да бидат ставени интерпелации за министрите Николовски и Маричиќ, Џафери вели тоа е спротивно од деловникот

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

На стартот од работата на 39-тата седница денеска во Собранието, и ставање на дневниот ред на гласање, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски побара на дневен ред да бидат ставени интерпелациите за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ.

„Барам на оваа седница да бидат ставени и точките од 36. седница, односно интерпелација на министерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски, и министерот за правда Бојан Маричиќ“, рече Мицевски.

Му возврати спикерот Џафери дека тоа е спротивно од Деловникот, и дека тоа нема да биде сторено.

„Спротивно на деловникот е, не може да барате. Од причина што деловникот пропишува на интерпелацијата на носител на јавна функција, дотичниот има право, но не и обврска да одговори во рок од 15 дена. Во тие 15 дена, двајцата дотично не одговориле на интерпелацијата, и според Деловникот бев должен на прва наредна седница да ги ставам точки на дневен ред, и беа поставени на 36 седница. Вие баравте да се тргнат тие две точки од таа седница“, рече Џафери.

Повторно побара процедурално Никола Мицевски.

„Велите дека биле повлечени. Ајде истолкувајте ми ги интерпелациите, каде видовте дека не може да се стават на прва наредна седница. Затоа што дневниот ред не се усвои за тие интерпелации. Тие се во собраниска процедура, не се повлечени. Стојат отворени. Од истата таа седница ставате точка на дневен ред што не е спорно, но ги тргате интерпелациите за Маричиќ и Николовски, и не сакате да зборуваме за нивните неработи“, му врати Мицевски на Џафери.