Во Атина денеска дводневна Конференција по повод шест години од Преспанскиот договор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во главниот град на Грција, Атина денеска почнува дводневна конференција по повод шест години од Договорот од Преспа, со кој земјава го смени уставното име во Северна Македонија, и така се реши долгогодишниот спор меѓу двете земји.

На коференцијата ќе учествуваат голем број на премиери од регионот, како и специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак, а ќе учествуваат и албанскиот премиер Еди Рама, како и српскиот премиер Милош Вучевиќ.

На Меѓународната конференција за мир и одржлив развој, организирана од Институтот Алексис Ципрас и Фондацијата Зоран Заев, шефови на држави, европски комесари, академици од Европа, поранешни шефови на држави и експерти ќе разговараат за иднината на Европа по европските избори, за процесот на интеграција на Западен Балкан, геополитичките настани во Источниот Медитеран, мирното решавање на споровите и справувањето со климатската криза.

Како што е најавено, генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ќе им се обрати на учесниците преку видео порака пред да му ја врачи наградата Преспа на специјалниот пратеник на ОН за преговори Метју Нимиц за неговиот придонес за Договорот од Преспа.

Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, со што заврши 27-годишниот спор за името на Македонија, кој согласно договорот меѓу Скопје и Атина доби ново име – Северна Македонија.