„Во чии џебови завршија 10 милиони евра?“ Се уште нема одговор за набавката на лотариските терминали

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ


„Во чии џебови ќе заврши разликата од речиси 10 милиони евра само од овој тендер? Или, дали вредноста на апаратите за казино е свесно и намерно напумпана за да се украде основниот капитал потребен за да се овозможи отворање на новата државна видео лотарија?“, прашува Беким Сали од редовите на ВЛЕН.

Одговор на овие прашања јавноста очекува и по два месеци од оваа прес конференција на коалицијата Вреди. Tогаш, од Јавното обвинителство само информираа дека се оформени неколку предмети поврзани со различни аспекти на работењето на Државна лотарија. Прашавме и денеска до каде е работата по предметите, но одговор не добивме.

Тогаш коалицијата „Влен“ бараше Обвинителството да истражи зошто иако пазарната цена на еден лотариски терминал е 3800 евра, истите се набавувале за 10.000 евра.

Дали доставиле докази до Обвинителството или биле повикани на разговор, исто така денеска не успеавме да добиеме одговор од коалицијата „Влен“.

ТВ21 веќе пишуваше дека на 40 локации низ Македонија треба да започне со работа новата државна видео лотарија – Ново ВЛТ која беше формирана лани од АД Државна лотарија и австрискиот гигант ХЛТ.

Од Новата државна видеолотарија НОВО ВЛТ пак велат дека тендерот е спроведен според законот и оти со дневнопартиските пресметки им се нанесува сериозна корпоративна штета. Доминантен сопственик на оваа фирма е Државната лотарија, а косопственик е ХТЛ Македонија, фирма во целосна сопственост на австриски Новоматик.

За наводите на коалицијата Вреди и прашањето: Дали е дозволено да се спроведе јавна набавка, бидејќи Фирмата ХТЛ е дел од австриската групација Новоматик, а Новата државна видео лотарија НОВО ВЛТ му дала тендер од 3,7 милиони евра на странскиот партнер на државната лотарија одговор побаравме од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата е надлежна за примена на Законот за заштита на конкуренцијата, Законот за контрола на државна помош и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехрамбени производи. Со оглед на фактот дека поимот Договорен орган, на кој се применуваат одредбите од Законот за јавни набавки, е дефиниран во член 9 од Законот за јавни набавки, Комисијата за заштита на конкуренцијата не може да даде објаснување кои субјекти спаѓаат во наведената дефиниција, бидејки истата не е надлежна за примена на Законот за јавни набавки.“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Според наши извори, обвинителството веќе го истражува и договорот вреден 300 илјади евра, пари кои биле исплатени на компанијата „Хеј ДООЕЛ“ за 13 месечен закуп на поранешен ресторан. Таму се чувале видео лотариски терминали.

Терминалите како што објави Радио Слободна Европа се вон употреба и фаќаат прашина. Се наоѓале во Визбегово, во објект на поранешен ресторан за свадби, кој поранешниот менаџмент на акционерското друштво го одбра да биде нов деловно – административен простор од каде ќе функционира.

Се барале и документи за новоформираните правни субјекти поврзани со австрискиот гигант ХТЛ како и набавката на терминали за коцкање во вредност од 19 милиони евра.

Тендерот го добива ХТЛ Македонија, која е еден од сопствениците на НОВО ВЛТ. Оваа фирма била единствен понудувач на тендерот. Тоа значи дека НОВО ВЛТ му го дала тендерот од 19 милиони евра на својот косопственик – странскиот ортак на државната лотарија.

Наводите за корупција беа појдовна точка и за новата Влада да донесе одлука за одземање на лиценците за онлајн казината. При ревидирање на законите за коцкање, често најголемите странски играчи во македонскиот казино сектор ги напаѓаа идеите, нарекувајќи ги нефер, неостварливи и демоагошки.

„Тоа е широк бизнис има вклучено повеќе компании кои работат на тоа, дека тука се поттикнати и директно инволвирани министри од поранешната Влада, Владата на Заев-Ковачевски, дека се вклучени во криминални активности и тоа треба да се исече во корен, бидејќи не треба да оставаме простор, актуелните носители на власта да бидат дел од тој процес, да продолжат како што кажа Ковачевски, тоа што му го шепна Ахмети, како до сега.“, изјави Трајанов.

Иако имаше најави, на денешната владина седница воопшто немало точка за укинување и на последното онлајн казино Мега Вин.