Во дел од Јамајка е прогласена вонредна состојба поради осум убиства во еден ден

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Јамајканскиот премиер Ендрју Холнс прогласи вонредна состојба во јужната област Кларендон, откако осум лица, меѓу кои и седумгодишно момче, беа убиени во одвоени престрелки во неделата.

„Ова е можност за владата целосно да се мобилизира за сериозно да се фокусира на бандите. Не можеме да дозволиме убиствата да се нормализираат во нашата земја“, рече Холнс на прес-конференција.

Тој не даде детали за новите прописи, но тие може да вклучуваат ноќен полициски час, подолги периоди на притвор без формални обвиненија и можност полицијата да пребарува имоти без налог, според Ројтерс.

Холнс истакна дека се надева дека мерката ќе спречи убиства од одмазда, велејќи дека разузнавачите предупредиле дека постои „многу голема веројатност“ да се случат такви злосторства.

Досега пет лица се уапсени во врска со пукањето во неделата, рече премиерот.

Се проценува дека бројот на активни банди во таа карипска земја се намалил од 400 на 185 за пет години, но Холнс проценува дека оваа бројка и понатаму е „многу висока“.

Минатата година Јамајка беше втора земја во регионот на Латинска Америка и Карибите по бројот на убиства, по Сент Китс и Невис.

Студијата на медиумската организација Инсајт Краим покажа дека минатата година на Јамајка се случиле 60,9 убиства на 100.000 луѓе.

Карипската заедница (CARICOM) се обидува да го спречи зголемувањето на оруженото насилство преку посилно спроведување на законот и запирање на увозот на нелегално огнено оружје, а според американската влада, околу 87 отсто од оружјето пронајдено на Карибите доаѓа од САД.