Заедничка резолуција во Европскиот парламент! Филипче вели: Ако има сериозен предлог во Собранието, ние ќе го поддржиме!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Заедничка резолуција во Европскиот парламент на Македонија и Бугарија, со која ќе се признае македонскиот идентитет и јазик, како посебни и неприкосновени, без никакви дополнителни услови. Ова е предлогот на премиерот Христијан Мицкоски директно до претседателот на Бугарија, Румен Радев. Одговор од бугарска страна се уште нема.

Но, дали е прифатливо вакво нешто за опозицијата. Според првиот човек на СДСМ, Венко Филипче, несериозно е вакви сериозни прашања да се третираат преку прес конференции и преку дневно политичка агенда.

Филипче вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба јасно да каже дали има сериозен план за дипломатска активност. Додава дека за вакво прашање треба да има сериозен предлог, кој би бил доставен до собранието.

-Таква работа, сепак, сметам дека се прави како предлог во Собранието, нешто во што треба да учествуваат сите политички партии и ако има таков сериозен предлог, ние секако ќе го поддржиме, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Предлогот за заедничка резолуција со Бугарија јавно го спомна премиерот Мицкоски, а веднаш потоа и на прес конференција истото го презентираше и Антонио Милошоски. Воедно од ВМРО-ДПМНЕ излегоа со обвинување на адреса на СДСМ, дека учествува во деструктивни операции на бугарските служби. Како што вели Миле Лефков, разни интернет портали од Бугарија со лажни вести, спроведуваат операција за дискредитација спроведена од бугарските служби и нивните соработници во Македонија. Сепак, додава дека оваа операција е безуспешна.

-Оваа координирана операција нема идеолошка основа. Таа е мотивирана од реваншизам и од очајот на бугарската политика што веќе ги нема своите полтрони во Македонија. Денес, кога Македонија има стабилна Влада и јасен став, станува јасно дека нема веќе бизниси, пасоши и тајни договори во замена за уставни промени и историски откажувања. По осудата на бугарските позиции во Европскиот парламент, активирана е старата мрежа на дискредитација, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

Односите помеѓу Македонија и Бугарија повторно се заладија по гласањето на извештајот Томас Вајц за нашата држава и откако по притисокот и барањата од бугарски и грчки европратеници од извештајот беше изваден делот каде се спомнува македонскиот јазик и идентитет.