Заев: Македонскиот јазик и идентитет се осигурани и гарантирани во преговарачката рамка и со тоа признаени од ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поранешниот премиер Зоран Заев на својот Фејсбук профил се јави со свој коментар по повод францускиот предлог.

Според него, македонскиот јазик и идентитет се осигурани и гарантирани во преговарачката рамка и со тоа признаени од ЕУ.

„Протоколот што би го потпишале македонската Влада и бугарската Влада го објаснува патот за надминување на отворените прашања кои се решливи. Градењето добри и пријателски односи со соседите е суштински важно за мирот, стабилноста и просперитетот на еден регион како што е Западен Балкан. Затоа, и ние од македонската страна и колегите од бугарската страна, заедно мораме да работиме да ги затвориме отворените прашања“, вели поранешниот премиер.

Тој додава дека при тоа многу е важно целосно да се сочува националното достоинство на двете страни во разговорите.

Во продолжение целиот текст:

„Пријателството се создава и гради кога две страни водат меѓусебно грижа еден за друг при решавање на отворените прашања.

Македонската страна има политичари за кои сум сигурен дека ќе преземат гаранции и обврски низ тие разговори во иднина целосно достоинствено и конструктивно да ги застапуваат нашите национални интереси.Добрите односи со сите наши соседи го јакнат Западен Балкан, а соработката нѐ прави сериозен фактор како регион пред цела Европа и пред Светот.

Видовме дека низ пријателство и добрососедство се решаваат и прашања кои со децении, но и векови биле отворени и нерешени како што е напредокот што го постигнавме со Договорот од Преспа, членството во НАТО, но и остварувањето на Автокефалноста на нашата Македонска православна црква – Охридска Архиепископија. И во трите случаи имаме директна потврда на автохтониот наш македонски идентитет. Со почнувањето преговори со верификуван и неоспорен македонски јазик во рамки на Европската Унија ќе добиеме уште една идентитетска победа на Македонизмот.

Кога се во прашање темите поврзани со недискриминација и отстранување говор на омраза, важно е да знаеме дека тие се однесуваат на сите заедници во нашето мултикултурно општество и во тоа воопшто не гледам проблем, напротив сметам дека можеме уште многу да подобруваме и без ЕУ тоа да го бара од нас, за да тежнееме кон поуспешно ЕДНО И ЕДНАКВО ОПШТЕСТВО ЗА СИТЕ. На тоа поле и до сега многу постигнавме и без ЕУ тоа да го бара од нас. За мултикултурниот соживот и за градењето едно и еднакво општество за сите ние сме веќе пример и во регионот и во Европа и треба да продолжиме да ги развиваме таквите политики, да останеме лидери во тоа поле, бидејќи тоа носи само добро за нашиот народ и за сите народи на Балканот.

Кога се во прашање исполнувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција, уверен сум дека за нас е многу подобро да седиме на маса во европските институции и ние да бидеме тие кои на својот македонски јазик ќе бараме целосно исполнување на двата договори во кои никако не се спори туку се потврдува и македонскиот јазик и македонскиот народ. Сведоци сме дека Европа покажува разбирање за Македонизмот и за историското наше право на самоопределување.Имајќи предвид дека ова не е последниот предизвик пред нашето зачленување во ЕУ и дека не чекаат затворања на многу преговарачки поглавја, сметам дека за нас е многу важно во овој момент што Бугарија потврдува дека нови билатерални проблеми нема да отвора во иднина и што прифаќа да биде посветена заедно да градиме пријателство и добрососедство. Преку пријателство и добрососедство и најсложените проблеми полесно се решаваа.

Спротивно, кога има непријателска атмосфера бројот на проблемите само се зголемува.

Друг суштински дел од францускиот предлог е внесувањето на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот. Тоа е чекор која треба да го направиме и со кој никако нема да се наштети ниту на државата, ниту на општеството ниту на било која од заедниците во нашата земја. Ние во нашиот Устав веќе имаме седум етнички заедници. Со уставни измени ќе бидат 10 етнички заедници.

Само од инат, заради лоша намера или заради личен политички профит некој може да биде против внесувањето три нови етнички заедници во Уставот. Противењето на мултикултурализмот е противење на европската интеграција на нашата татковина.

Припадниците на трите етнички заедници, иако се значително помалкубројни, сепак се еднакви граѓани на Северна Македонија кои се родени и живеат тука заедно со сите нас и имаат право на самоопределување, нешто на што се гордееме како држава која го почитува тоа право. Тој предизвик треба да се прифати и да го продолжиме патот кон полноправно членство во ЕУ.Очекувам конструктивни консултации и поддршка на овој предлог од секој еден одговорен политичар и граѓанин во земјава.

Овој предлог веќе е поддржан од цела Европа, а нам искуството не учи дека секој нов предлог веројатно ќе биде потежок за прифаќање. Ако сме искрено за членство во ЕУ, тогаш мегданот е сега, сега тоа треба да го покажеме на дело и час поскоро да го завршиме овој процес. А, знаат ама баш сите, нашиот македонски народ никогаш не добил ништо со лесно, за својата државна и духовна независност се борел и се изборил со паметни и мудри одлуки. Да бидеме паметни и мудри и да продолжиме да чекориме напред како Македонци со признаен македонски јазик и идентитет, со своја македонска држава интегрирана во евроатлантските сојузи како стратешка определба на целиот наш народ, на сите етнички заедници“, пишува Заев.