Заев најави можна соработка со опозицијата: Сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Премиерот Зоран Заев изјави дека е подготвен да разговара со опозицијата за идно формирање на Влада за национален спас. Тој вели дека народот е многу поделен, и дека доколку има интерес и од другата страна, е подготвен во било кое време да разговара и опозицијата да биде дел од Владата, но доколку има разумен човек. Додаде дека со Христијан Мицкоски не може да се разговара.

Тој ова го изјави во интервју за „Слободен печат“.

„Нудиме соработка од секој можен аспект. Се што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Првпат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицкоски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема, нека ме тргнат мене, само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме народот, многу ни е поделен“, рече Заев.

Тој истакна дека ова е дел од новата политика на СДСМ, која треба да ја помине во својата партија.

Заев додаде дека не станува збор за техничка влада. Ја зема за пример Германија и Швајцарија каде што сите се во Владата.

„Затоа велам ајде да влеземе сите, ја отворам првпат оваа можност. Но, се е до луѓето дали се подготвени за тоа. Се обидов на секој начин, кажав дека со Груевски можев да најдам решение, но со Мицкоски не можам.  Не знам што друго да направам! Еве сега го отворам и ова, да дебатираме Кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш.“, истакна Заев.