Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, во гостување на ТВ21 во емисијата „Клик Плус“, изрази загриженост поради недостигот на медиумски простор за помалите политички партии. Според неа, големите политички субјекти имаат многу поголем простор да ги презентираат своите факти и политики, додека помалите партии, како ЛДП, имаат ограничен пристап до медиумите.
„Како, еве условно кажано, помали политички субјекти, не добиваме толку голем простор како што имаат големите за да се искажат во медиумите и да ги презентираат своите факти и политики“, изјави Зајкова.
Таа напомена дека ЛДП дејствува во синергија со граѓаните, секогаш слушајќи ги нивните проблеми и предлози. „Граѓаните се тие кои одлучуваат кои ќе бидат нивните репрезенти во законодавниот дом. Така што ЛДП единствено дејствува во синергија со граѓаните, слушајќи ги нивните секојдневни проблеми и нивните предлози. Ние секогаш сме дејствувале во насока на презентирање на нашите политики, без оглед на тоа дали тоа понекогаш одело во насока на приближување на ставови со една или друга страна“, додаде Зајкова.
Претседателката на ЛДП истакна дека нивната партија секогаш била доследна на своите предлози.