Законот против пушење се одложува?! – Угостителите бараат 3 години, Здравство ветува фази

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за заштита од пушење најверојатно нема да стартува од 1 март како што стои во предложеното законско решение. Тој ќе се доработи и донесе најбрзо што може, но имплементацијата ќе биде во фази, прво едукација, опомени па дури потоа казни. Колку време ќе траат фазите допрва се проценува. Ова во емисијата Бизнис 21 го потврди државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, кој рече дека се уште траат разговорите со сите засегнати страни.

„Не би го нарекол ретерирање, би го нарекол фазна имплементација во смисла на тоа дека во дијалог со јавноста и во дијалог со бизнис заедницата одлучивме да одиме со мека имплементација. Имплементација што ќе значи на почеток опомени, едукација..“, вели Никола Грбчевски.

А колку ќе траат фазите?

Грбчевски: И тоа е дел од оваа фаза на усогласување. Дали ќе бидат 6 месеци, дали ќе бидат 8 месеци, дали ќе бидат 3 месеци, не можат да ви кажам но тоа ќе зависи како ќе одлучи оперативната работна група

Угостителите го поддржуваат законот, но побарале од Владата имплементацијата да оди 3 години, дури потоа да се казнува. Кажале дека доколку се имплементира веднаш ќе го погоди бизнисот и ќе има затворање на објекти и отпуштање на работници. Велат законот е еден од најригорозните и е правен по пример на една Шпанија, Словенија каде 15-18 проценти од населението се пушачи, за разлика од кај нас каде се 60 до 65 проценти.

„Еден модел предложивме од три години, односно во првата година, односно во првите 12 месеци да имаме информативна кампања и за угостителите и за граѓаните. Во втора фаза, како што рековме од 12 до 36 месеци, велиме строга забрана во затворени простории, консумирање на сите производи со тутун. Дозволени, јасно дефинирани надворешни зони за пушење. Третата фаза е, се знае, таму е целосна имплементација врз база на претходно направени анализи. Тука веќе нема толеранција за никого. Тоа е после три години, каде буквално ќе се санкционираат и објекти и физички лица“, вели Перица Голомеиќ.

Експертите со став дека предлог-законот бара сериозна доработка. Велат со вакво решение покрај угостителите ќе настрадаат и компаниите кои произведуваат и продаваат тутунски производи, но и државниот буџет. Реагираат дека не можеме ние да земаме „ан блок“ закон од Словенија, земја која што не произведувала никогаш тутун во својата историја, а нема ниту фабрика за цигари

„Овој предлог-закон бара сериозна преработка според мене. Значи не треба да се донесе додека не се сработи како што треба. Значи јас го почитувам мислењето на од угостителство нели комората, фазно да, меѓутоа треба и да се доработи законот. Значи во овој закон нема ни преодни ни завршни одредби кој од кога важи. Значи ние имаме на залиха многу тутунски производи, кои према нив сега треба да не се продаваат. Што ќе правиме со тие производи“, вели Златко Арсов.

Со новиот предлог-закон се забранува пушење секаков вид на цигари,не само класични туку и електронските цигари, “вејп” апарати во сите затворени  угостителски објекти, фирми, во и пред јавни институции,училишта, градинки, автобуски и железнички станици, пазари, културни и спортски објекти. Не смеат да се пушат цигари ниту во автомобил ако има дете. Казните за граѓаните се движат од 150-300 евра, а за фирмите до 5.000 евра.